Skip to main content

Пролет во есен

Есен е. Природата почнува да се повлекува, да умира, да исчезнува. Небото почнува сè почесто да плаче за многуте бои кои се губат и се заменуваат со сивилото на ладот. Се раѓа една општоприфатена депресија. Шеташ по улица и во сечии очи, дури и во оние насмеаните, наоѓаш по некоја ронка меланхолија која успева да допре до тебе и да почне полека да те претопува во општиот хаос на недефинирани емоции. Од очила за сонце, преминуваш во влечење на чадор за дожд кој ти треба најмногу оној пат кога ќе го заборавиш дома или на факултет.
Наутро, ја вадиш ногата од под ќебе и сфаќаш дека ќе ти треба сета сила на светот за да се измолкнеш од топлината и сигурноста на креветот и да стапнеш во ладот на денот исполнет со обврски кои поради недостаток на сонце ќе бидат минимум три пати потешки. Вировите по улица ги користиш како огледало за некој паралелелн универзум во кој се надеваш дека енергијата нема да ти биде исцицана од депресијата на околината. Погледнуваш надолу, кон еден вир и се соочуваш со она од што се плашеше дека те дефинира во овој универзум. Токму во тој момент задувува студен ветер и ти го всадува во нос мирисот на гнилите паднати пожолтени лисја кој можеби е и единствениот добар аспект на едно од четирите расположенија на природата. Прекрасната сончева глетка низ прозор е заменета со замаглени и растечени стакла кои, ако не ги забришеш со рака, не можеш ниту да претпоставиш што се гледа преку нив. 
Термосот сè почесто го полниш со чај, наместо со кафе. Мирисот на планински чај со лимон и мед те потсетува на дамнешните качувања на Водно до планинарскиот дом со твоите кога како дете сè ти беше многу поедноставно. И ете ја уште едната состојка за депресија - споредување на безгрижноста пред некој број на години со онаа сега која всушност веќе и ја нема. Почнуваш да се ежиш од помислата дека детето во тебе е тотално изгубено.
И додека сето ова успева да јаде по еден мал дел од душата и мирот со кои би требало да се будиме секое сабајле, таа една личност ќе се најде да ти се појави во животот. Не дека во тој момент исчезнува сето она наведено погоре. Не дека со тоа престануваат грижите и обврските кои чекаат да бидат завршени. Едноставно, станува полесно. Ти дава надеж дека и во тој период кога природата решила да се сокрие и да нè остави да се нишаме на ветрот, сепак може да се појави никулец на нова надеж, на нешто ново, на нешто убаво. Нешто кое нема да зависи од топлината на сончевите зраци, ниту пак од влажноста на воздухот. Нешто што нема да биде смрзнато од сланата која со секој нов ден ќе биде сè почеста. Туку едноставно ќе функционира. И затоа што ќе бидеш среќен што во таков страшно депресивен свет се појавило нешто интересно, ќе направиш сè што е во твоја моќ за да процути додека сè останато наоколу венее. Е токму таа личност ќе вреди да ја задржиш до тебе. Личноста што ќе биде пролетта во твојата есен. Сè што ќе треба ти да направиш е да не го обезбоиш светот кој го сака и од кој можеби и ти полека стануваш дел. 
А се трудам. 

Popular posts from this blog

Скопје и ноќниот живот

Не знам дали е до мене (не е!) или до градот наш насушен, ама постов ќе го почнам директно со потенцирање на неговата цел - НОЌНИОТ ЖИВОТ У ГРАДОВ Е СРАЊЕ! Ако тргнете во петок вечер да излезете, без притоа да немате некаде резервација, шансите да најдете место се нула. Скопје е веројатно првиот град во светот каде се резервираат места на шанк. Од кога по ѓаволите шанкот е нешто што се резервира?! Као, ако е празно, застануваш пиеш и си идеш, ако не е само си идеш и тоа е тоа. Вториот агол од кој можете да го разгледате нашиот ноќен живот е изборот на локали каде може да отидете. Не знам, 10 нека се преку сила. Години уназад се истите локали само шо на година дена менуваат име и лик, две недели има поразлична музика и концепт на забави и после тоа - сè по старо. - Беше у тоа новото на плоштад? Многу е добро, се вика 'рендомиме'. - Не беше тоа 'претходнорендомиме'? - Па да ама се смени газдата и внатре малку ентериерот и сеа е многу кул место. * исти фаци, иста ...

Предрасудите

Делувам како човек кој стварно жали што живее во земјава, меѓутоа немам една причина која може да ме натера да го сменам мојот став. Денес сакам да зборувам за предрасудите. Ја тераме Македонија кон ЕУ. Ја тераме Македонија кон ЈуЕсЕј... Ја тераме Македонија кон сè што нарекуваме high-developed country. Правиме измени во закони, приспособуваме стандарди, имплементираме работи кои не одговараат ниту најмалку на било кој аспект од нашиот начин на живот. Да не должам многу, правиме сè што го прават и оние наши земји - идоли. Но до каде сме со свеста? До каде сме со начинот на кој го прифаќаме светот? Убаво е како тоа ние гледаме со широко отворени очи, но лошо е како срцата ни се затворени према сите тие шаренила кои доаѓаат од надвор. Сè повеќе и повеќе ме изненадува фактот дека и покрај очекуваното, новите генерации да се развиваат во духот на либералноста, во правецот во кој се тера едно отворено општество, сме тргнале во насоката која се зацртала пред некои си 50 години. Тогаш машко б...