Skip to main content

Апел со мала лична историја

Растев во средина каде машките играа со колички и носеа машки бои, каде беше срамота и неприфатливо за машко да игра ластик со девојчињата пред зграда, да сака да им прави плетенки на другарките. Растев во средина каде „тоа е за женски/машки“ беше најверојатно секоја трета реченица која возрасните ја кажуваа. Како поразличен од групата на машки деца во зграда никогаш не се пронајдов во играњето фудбал – затоа секогаш стоев на страна и затоа секогаш се буткав да се дружам со девојчињата бидејќи „женските“ игри ми беа поинтересни. Од тука нормално излегоа и сите наредни ситуации во кои сум се нашол не само јас, туку и многу други „поразлични“ деца.

Во основно на почеток и не беше така лошо, првите четири години бевме уште мали за било што да дојде до израз, да се коментира, да се забележува иако бидувањето педантен откако се сеќавам беше потенцирано како „нежна“ карактеристика која ја поседувам. Наредните четири години кога дефинитивно се приметуваше дека не сум into the activities for the boys, кога однесувањето ми стана „малку феминизирано“, кога бев одмерен во зборовите и кога повеќе сакав да играм одбојка на физички отколку фудбал или кошарка станаа интересни. Тогаш ги добив првите епитети (ах, зборов од кога го немам употребено) – женче, педерче, девојче. Тогаш се најдов во средина каде уште незнаејќи каде се наоѓам и кој сум бев одбиен од машките бидејќи бев феминизиран и бев нецелосно прифатен од девојчињата бидејќи бев машко. Да речеме дека основно не беше сјајна точка од животот и секогаш кога некој ќе си го спомне друштвото од основно за убави спомени или ќе спомне дека е пријател со некој од прво одделение едноставно не можам да се поврзам со тоа – не знам како, а сакам бидејќи знам дека е нешто што ми фалело дури сум растел.

Во средно малку се сменија работите. Станав позатворен, повнимателен, тешко развивав искрена пријателска врска со било кој бидејќи сомнежите кои ги имав за себе и за кои не можев со никој да зборувам од страв едноставно не ми дозволуваа да бидам близок со никој. Имав прекрасно друштво  дел од тие луѓе денес ми се сè и ја имам целата безрезервна поддршка од нив – но тоа беа некои малку други времиња и никој од нив немаше експлицитно дадено до знаење дека е против „различните“ луѓе. Меѓутоа коментарите и дофрлањата за другите „пофеминизирани/машкоданки“ кои учеа кај нас ме тераа да се чувстувувам несигурно - сепак беа невкусни коментари кои оддаваа став на одбивност. Нормално, во овие четири години уште не знаев каде се наоѓам на спектрумот на сексуалноста, но едно беше сигурно – ниту со родителите дома (со сите коментари за ликови по серии, филмови) ниту со друштвото не се чувствувам доволно блиско за воопшто и да дискутирам за мојата „забуна“ и потреба да се истражам себе и да пробам да се пронајдам. Средното помина со прекрасни дружби, забави, искачања, пијанки на кеј, плочник, по клупи и паркови, помина со драматичните средношколски врски, мувања – and it was good, but not great. Баш сите тие средношколски слатки љубовни дешавки никогаш не ми беа искрени и автентични и не ми беше јасно зошто.

Заврши средно, отидов на факултет – тука ја запознав една од сродните души, најдобрата другарка без која веројатно денес немаше да сум тоа што сум и да сум толку сигурен во себе и да се сакам и ценам онаков каков што сум. Првата година на факултет почнав да се пронаоѓам, да се запознавам себе и да се натерам да се сакам без да пробувам да се вклопам во околината. Понатаму веќе сè почна да станува полесно и сè повеќе почна да ми се разјаснува зошто во средно иако ми беше убаво никогаш не се осетив како тоа да е времето од животот кога луѓето се пронаоѓаат и дефинираат – во глава имав зацртано (поради очекувањата на околината) дека средно е тоа што ги дефинира луѓето и после тоа почнуваат сериозни врски, брак, фамилија and that’s life – јас не бев јас во целост тие години и голем дел од средношколските „филмови“ не успеав да ги поминам баш поради стегата која си ја имав наметнато поради родителите, општеството и индиректно исперцепираното неприфаќање од сите околу мене.

На крај од факултет ја имав среќата да се заљубам во еден од најпрекрасните луѓе на светот, човекот кој дополнително ми помогна да го изградам своето јас, да се осигурам кои се работите кои ги сакам, да станам подобар човек, да направам план за насоката во животот по која сакам да се движам. Се заљубив во човек кој дополнително ми помогна да престанам да се гледам себе како форма која треба да се вклопи во средината и наместо тоа да размислувам за себе како личност која треба да си го најде местото онаму каде што највеќе ќе ѝ одговара независно од тоа што мислат и во што веруваат другите. Дополнително, останав опкружен со луѓе кои неизмрено ја даваат својата поддршка за нас двајца, за сè она што ние го претставуваме и имаме – што значи повеќе од било што на светот.

Од денешна перспектива сум страшно благодарен од тоа како животот ме третира до сега – со исклучок на некои ситуации кои би било подобро да беа поинакви – и во моментов сум неверојатно среќен човек на кој соновите почнуваат полека да му се реализираат – што од напорна работа и труд, што од чиста среќа и склоп на околности. 

Откако настана целата драма со сексуалното образование и програмите од НВО секторот за едукација на децата за прифаќање на различностите како нормални и реакциите кои ги видов на сите страни се потесетив дека среќата која ја осетив дури на 19 - 20 години кога почнав да се осознавам и која полека се искачува нагоре постои само поради меурот на околности со кои се имам опкружено. Многу деца кои се „различни“ од конзервативните норми со кои растат ќе имаат страшно многу потиснати емоции, ќе бидат фрустрирани и нереализирани само затоа што општеството одлучува дека нешто не сака да прифати.

Го пишувам текстов со желба сите да почнете да покажувате дека немате проблем со тоа некој да е различен - независно во која насока. Дури и да мислите дека знаете сè за најблиските потребно е постојано да го искажувате својот став за отвореноста и прифаќањето бидејќи не знаете во кој момент некој конечно ќе се реши да ‘излезе’ и да ви се претстави во целост – нешто што не би го направил чисто од стравот како би реагирале и дали би прифатиле. Ширете ја меѓу вас енергијата дека ги сакате и прифаќате блиските независно од нивните вистински емоции, желби и замисли кои не штетат никому.

Да не бев доволно среќен да ја запознаам таа прекрасна личност кога тргнав на факултет која ми даде до знаење дека it’s okay to be gay among many other things, можно е сè уште дури и 10 години покасно да се барав себе. 

Затоа бидете тука за блиските и за не-толку-блиските, давајте им до знаење дека ги сакате и прифаќање no matter what – буквално менува и спасува живот тоа. 

Popular posts from this blog

Пролет во есен

Есен е. Природата почнува да се повлекува, да умира, да исчезнува. Небото почнува сè почесто да плаче за многуте бои кои се губат и се заменуваат со сивилото на ладот. Се раѓа една општоприфатена депресија. Шеташ по улица и во сечии очи, дури и во оние насмеаните, наоѓаш по некоја ронка меланхолија која успева да допре до тебе и да почне полека да те претопува во општиот хаос на недефинирани емоции. Од очила за сонце, преминуваш во влечење на чадор за дожд кој ти треба најмногу оној пат кога ќе го заборавиш дома или на факултет. Наутро, ја вадиш ногата од под ќебе и сфаќаш дека ќе ти треба сета сила на светот за да се измолкнеш од топлината и сигурноста на креветот и да стапнеш во ладот на денот исполнет со обврски кои поради недостаток на сонце ќе бидат минимум три пати потешки. Вировите по улица ги користиш како огледало за некој паралелелн универзум во кој се надеваш дека енергијата нема да ти биде исцицана од депресијата на околината. Погледнуваш надолу, кон еден вир и се соочува

Скопје и ноќниот живот

Не знам дали е до мене (не е!) или до градот наш насушен, ама постов ќе го почнам директно со потенцирање на неговата цел - НОЌНИОТ ЖИВОТ У ГРАДОВ Е СРАЊЕ! Ако тргнете во петок вечер да излезете, без притоа да немате некаде резервација, шансите да најдете место се нула. Скопје е веројатно првиот град во светот каде се резервираат места на шанк. Од кога по ѓаволите шанкот е нешто што се резервира?! Као, ако е празно, застануваш пиеш и си идеш, ако не е само си идеш и тоа е тоа. Вториот агол од кој можете да го разгледате нашиот ноќен живот е изборот на локали каде може да отидете. Не знам, 10 нека се преку сила. Години уназад се истите локали само шо на година дена менуваат име и лик, две недели има поразлична музика и концепт на забави и после тоа - сè по старо. - Беше у тоа новото на плоштад? Многу е добро, се вика 'рендомиме'. - Не беше тоа 'претходнорендомиме'? - Па да ама се смени газдата и внатре малку ентериерот и сеа е многу кул место. * исти фаци, иста