Skip to main content

Снегот и неколкуте сеќавања


Се шетав на снегот и уживав во белината која се појавува околу. Ми се пристори како онаа гадост која се собира цела година во градот, снегов да ја брише постилајќи едно бело платно чија чистота нажалост многу бргу ќе почне да се губи. Бргу ќе дојдат деновите кога секој ќе извалка бар по еден мал дел од цела таа убавина.
Го сакам она чувство во кое сите уживаат, кога ќе поминам на места каде снегот се уште не е разгазен и ќе слушнам како под тешката чизма се јавува едно мало крцкање кое во истиот момент те тера да пробаш да газиш полесно затоа што имаш чувство дека стапнуваш врз нешто што има живот во него.
Обожавам кога наутро, после снежна ноќ улиците ќе бидат на исто ниво со тротоарите и кога тек - тук се гледа по некоја кафена трага од неколкуте поминати автомобили.
Уште како мал кога излегував да си играм на снегот никогаш не ставав ракавици и дома секогаш се враќав со жар црвени раце кои имаа изгубено секаков осет, затоа што го обожавав пецкањето кога ќе ги ставев на печката да ги згреам. Па така и сега, дури и да имам милион обврски во денот, штом падне снег прво нешто што правам кога ќе излезам пред зграда е брцање на рацете во снежната покривка на најблискиот автомобил и собирање снег за да направам топка.
Ги гледам луѓето во автобус како се нервираат кога снежна топка ќе се залепи за прозорот на автобусот и не можам да разберам како може да мразат нешто што и самите го правеле. Никогаш нема да си дозволам да заборавам колку возачи на автобуси нè имаат пцуено како мали само затоа што 20на деца наеднаш ќе замавневме со топки накај автобусот.
Најверојатно нешто што сега не би направил е она поради кое секој од нас си добиваше една по газот додека бевме мали. Ги кршевме мразулците кои висеа буквално од било каде и лижевме мраз. :) Се смеам секогаш кога ќе помислам на тоа колку само нечистотија сме ставале во уста, ама знам дека тогаш тоа ни беше една од поголемите радости. Имавме еден период кога купуваме лижавки и ги брцавме во снег затоа што ни беше интересно како се распукуваат после тоа. Кога ќе направевме снешко ние а паралелно со нас и децата од соседната зграда секогаш си ги растуравме снешковците штом ни се укажеше прилика за тоа. Едно време бевме влезени во таков филм што имавме организирано и Зимски Олимписки Игри во кои имаше тркање со санки, мерење кој тим побрзо ќе направи снешко, кој тим ќе направи повеќе снежни топки, за на крај тоа да завршеше со една квалитетна snow fight каква што знаат да ја направат само најзаљубените во снегот.
Најинтересно е што сега, со мои скоро 20 наполнети години, би ги правел сите овие работи само доколку најдам малку повеќе слободно време и можеби бар еден човек кој ќе се реши да си го преживее снежното детство уште еднаш.
И сето ова ми се сврте во глава само затоа што неколку луѓе искоментираа дека снегов изненадил, небаре сред лето паднал што ме потсети на тоа какви снежни зими имавме порано. Ќе пробам овогодинешниот снег да го искористам за да се вратам малку наназад во времето кога уживав една детска безгрижност. Ако ништо друго, снегов како што ги скри сите поганости во градов ќе успее да ги скрие бар повремено и оние моите нечисти работи со тоа што ќе ме оттргне од секоја мисла.

Уживајте во снегов и запамтете ги следниве две работи. Не јадете жолт снег, затоа што јас порано многу сакав да се потпишувам така и пазете на бојата за одбележување на коловозите затоа што на неа слободно можете да развивате лизгачки вештини.





Popular posts from this blog

Пензионерите

Драги, миризливи, небањати, застоени, запотени, умирисани на вчерашни манџи пензионери кои со себе влечете, не една, не две, туку 40 кеси преполнети со зеленчуци, овошја и по некое одмрзнато копанче купено од пазар на тезга, кога веќе го окупирате јавниот превоз, запазете ги следниве подточки. Пробајте да не смрдите Културата која ја барате од младите, применете ја и самите Не купувајте количински ко да се спремате за Големата Депресија Садниците транспортирајте ги на друг начин, а не со автобус кој по вашето напуштање изгледа како да пренесувал ровови земја Ако веќе смрдите, НЕ БАРАЈТЕ да се затвораат прозорите во автобусите. Луѓе сме, воздух ни треба. Не ми викајте да станам ако претходно сте трчале и сте буткале луѓе само за да фатите место во автобус. Кога ве држат нозете да трчате, можат да ве подржат и за две станици. Не коментирајте. Коментарите дека младината е невоспитана ви се џабе кога 90% од нас младите во автобус сме со слушалици. Ако едвај се движите, шо мајка б...

Предрасудите

Делувам како човек кој стварно жали што живее во земјава, меѓутоа немам една причина која може да ме натера да го сменам мојот став. Денес сакам да зборувам за предрасудите. Ја тераме Македонија кон ЕУ. Ја тераме Македонија кон ЈуЕсЕј... Ја тераме Македонија кон сè што нарекуваме high-developed country. Правиме измени во закони, приспособуваме стандарди, имплементираме работи кои не одговараат ниту најмалку на било кој аспект од нашиот начин на живот. Да не должам многу, правиме сè што го прават и оние наши земји - идоли. Но до каде сме со свеста? До каде сме со начинот на кој го прифаќаме светот? Убаво е како тоа ние гледаме со широко отворени очи, но лошо е како срцата ни се затворени према сите тие шаренила кои доаѓаат од надвор. Сè повеќе и повеќе ме изненадува фактот дека и покрај очекуваното, новите генерации да се развиваат во духот на либералноста, во правецот во кој се тера едно отворено општество, сме тргнале во насоката која се зацртала пред некои си 50 години. Тогаш машко б...

Скопје и ноќниот живот

Не знам дали е до мене (не е!) или до градот наш насушен, ама постов ќе го почнам директно со потенцирање на неговата цел - НОЌНИОТ ЖИВОТ У ГРАДОВ Е СРАЊЕ! Ако тргнете во петок вечер да излезете, без притоа да немате некаде резервација, шансите да најдете место се нула. Скопје е веројатно првиот град во светот каде се резервираат места на шанк. Од кога по ѓаволите шанкот е нешто што се резервира?! Као, ако е празно, застануваш пиеш и си идеш, ако не е само си идеш и тоа е тоа. Вториот агол од кој можете да го разгледате нашиот ноќен живот е изборот на локали каде може да отидете. Не знам, 10 нека се преку сила. Години уназад се истите локали само шо на година дена менуваат име и лик, две недели има поразлична музика и концепт на забави и после тоа - сè по старо. - Беше у тоа новото на плоштад? Многу е добро, се вика 'рендомиме'. - Не беше тоа 'претходнорендомиме'? - Па да ама се смени газдата и внатре малку ентериерот и сеа е многу кул место. * исти фаци, иста ...