Skip to main content

Калиопи speaks English

Не се сметам себе за човек кој совршено зборува и разбира англиски, затоа што моето познавање е на ниво кое се стекнува по 8 години школско учење (на моја среќа со прекрасни професорки и основно и средно) и на гледање филмови и серии првично со англиски превод, а потоа сведени само на разбирање од слушање.
Ќе се провлечат и 3-4 книги прочитани на англиски и интензивно слушање на странска музика (ова последново може да е и помалку од небитен фактор, но ете, вреди да се спомне).
Реално мислам дека никогаш не сум ни имал потреба од посветување курс по англиски, а тоа си се докажува и со нивото на знаење кое го имам и е исто со оние кои завршиле и по 8 степени, пак ќе повторам благодарение на упорноста на професорките како во основно така и во средно.
Знам дека ја немаат сите таа среќа да имаат одлични професори, но имаат сите можност да посетат курс на кој ќе научат ако ништо друго бар употреба на двете најпрости времиња во англискиот, present simple и present continuous tense.
Ќе разберам и постари луѓе кои не знаат англиски само затоа што во нивно време истиот и не бил фаворизиран ниту пак сега имаат желба да го учат. До некаде ќе сфатам и луѓе приближно мојата генерација (неколку години постари и неколку години помлади) кои едноставно немаат желба да знаат јазик ниту пак се замараат со тоа дека еден ден ќе им треба.
Ама нема да го разберам она што се случува втора година по ред во однос на евровизискиот претставник.
Имено, Ѓоко Тане(в)ски (никогаш не научив дали е со В или не) лани се претстави себеси како риба од проста причина што се потрудил да научи англиски нели за да може да се прикаже таму како што знае и умее. После цела една година проследена со мемиња, фејзбук групи и што ти таму не се појави веќе кога народот полека заборави каква брука може човек да направи од себе, се случи овогодинешниот избор на претставник.
Почитуваната и цената македонска поп дива (кој и ја даде титулава, у пекол ќе гори) Калиопи, која после првиот пропаднат обид да нè претставува на Евровизија изјави дека Македонија нема да ја види, излезе на телевизија како претставник одбран од страна на МРТВ (не сакам да навлегувам во тоа како иде изборот, затоа што народот сигурно немаше да ја одбере неа, иако МРТВ некако ќе го наместеа гласањето ако требаше да се гласа). Ја гледавме вечерта на претставувањето на песната како се труди да научи македонско оро во просториите на Танец, што не знам како не и беше срам да го прикаже на ТВ фактот дека после толку гордеење со својата земја (од која се откажа) жената едноставно не знае ништо за фолклорот. Бевме сведоци на нејзините тренинзи за одржување на телото во форма како и на фактот дека дивата буквално имаше направено remake на нејзиниот прв настап на аудиција.
Сè на се, морам да признаам дека жената е моќен вокал, со многу искуство и предобри песни оставени зад себе. 35 години кариера се гледа дека не и се залудно потрошени.
Црно и бело излезе дека е нумера која е убава на свој начин а ти треба повеќе од едно слушање за да почне малку по малку да ти влегува во уво. Песната доби и англиска верзија и видео запис и Калиопи спремна тргна да го освојува Баку.
На точно еден месец пред настапот се појави она за кое всушност го пишувам текстов. Видеата од интервјуата на македонската поп дива (пак ќе речам, ЊТФ?) добија огромна популарност откако гордо пред цела Европа Калиопи гордо си призна дека не знае англиски но сепак го збореше истиот.
Верувајте, не бев свесен дека ќе дојде денот кога англискиот на Шон Пол ќе ми биде полесен за дешифрирање. Како и многумина, така и јас останав со подзината уста на прекрасната комбинација на две времиња, одличниот изговор на зборови од видот ПРЕПРОСТИ (читај second дека не знаеше да го каже). Уште не ми се верува дека дивата си збореше пред цела Европа во трето лице еднина обраќајки си се со I agree? I hope. Исто така тешко ми паѓа што се реши она да ни го даде срцето а ние неа за возврат нашите VOICE (не се потруди ни множина да направи, камо ли да го погоди соодветниот збор).
Амнезија да доживеам Еуровижон Сонг КОНТЕКСТ  ќе ми остане врежано во глава и вечно ќе ми одекнува кога ќе седам во потполна тишина. Исто и англовижон (драматична пауза), енгловижон, па англовижон уште еднаш и хистерично смеење.
Да не се потсетувам ни на нејзиниот одговор на прашањето дали пее на македонски пошо не знае англиски. Не сакам! ЕДНОСТАВНО НЕ САКАМ!
И нели, после заслужениот ремет од типот дека Ѓоко е ТОЕФЛ или речникот на Зозе за Калиопи се јавија и оние кои лани први скокнаа против рипката за да ја одбранат нашата една и единствена дива.
Разбирам дека кога сакаш некого како појава и ако го цениш она што го прави ќе стоиш зад неговите одлуки и постапки. Ама фактот дека жената ја обрука пола Македонија со тоа што даде до знаење дека е втора (којзнае уште колку ги има од познативе) од медиумски истакнатите личности во Македонија која не знае англиски не може да се прескокне. Замислете како гледа Европа а и остатокот од светот на нас. Во земја каде celebrities или pop divas не знаат англиски што ли останува за оние кои и немаат некои посебни ангажмани поврзани со пошироката нардона маса понекогаш дури и надвор од границите на сопствената земја.

Не, нема да ја величам Калиопи, затоа што никогаш не сум ја ни сакал. Нас ни треба човек кој на сцена ќе излезе и ќе го отпее своето, давајќи енергија преку гласот. Не ни треба човек кој користејќи ги солзите и долгите извртени филозофски реченици ќе проба да ја придобие публиката без притоа да примети дека така само ја руши сликата создадена по отпеаното.
Ако ништо друго, преведувач е и повеќе од соодветен за вакви категории на луѓе. Се сеќавам малку поодамна кога Руслана победи на Евровизија, на пресот девојката збореше на Украински а преведувачот до неа го пренесуваше кажаното на англиски.
Помал е срамот да не знаеш англиски и да имаш преведувач со тебе, отколку да се бламираш измислувајќи граматички форми, времиња и зборови за да опишеш нешто што и да сакаш да го кажеш на македонски ќе го извртиш до степен да не знаеш која ти била појдовната мисла за зацртната реченица (еве пример на таква реченица).



Popular posts from this blog

Пензионерите

Драги, миризливи, небањати, застоени, запотени, умирисани на вчерашни манџи пензионери кои со себе влечете, не една, не две, туку 40 кеси преполнети со зеленчуци, овошја и по некое одмрзнато копанче купено од пазар на тезга, кога веќе го окупирате јавниот превоз, запазете ги следниве подточки. Пробајте да не смрдите Културата која ја барате од младите, применете ја и самите Не купувајте количински ко да се спремате за Големата Депресија Садниците транспортирајте ги на друг начин, а не со автобус кој по вашето напуштање изгледа како да пренесувал ровови земја Ако веќе смрдите, НЕ БАРАЈТЕ да се затвораат прозорите во автобусите. Луѓе сме, воздух ни треба. Не ми викајте да станам ако претходно сте трчале и сте буткале луѓе само за да фатите место во автобус. Кога ве држат нозете да трчате, можат да ве подржат и за две станици. Не коментирајте. Коментарите дека младината е невоспитана ви се џабе кога 90% од нас младите во автобус сме со слушалици. Ако едвај се движите, шо мајка б...

Предрасудите

Делувам како човек кој стварно жали што живее во земјава, меѓутоа немам една причина која може да ме натера да го сменам мојот став. Денес сакам да зборувам за предрасудите. Ја тераме Македонија кон ЕУ. Ја тераме Македонија кон ЈуЕсЕј... Ја тераме Македонија кон сè што нарекуваме high-developed country. Правиме измени во закони, приспособуваме стандарди, имплементираме работи кои не одговараат ниту најмалку на било кој аспект од нашиот начин на живот. Да не должам многу, правиме сè што го прават и оние наши земји - идоли. Но до каде сме со свеста? До каде сме со начинот на кој го прифаќаме светот? Убаво е како тоа ние гледаме со широко отворени очи, но лошо е како срцата ни се затворени према сите тие шаренила кои доаѓаат од надвор. Сè повеќе и повеќе ме изненадува фактот дека и покрај очекуваното, новите генерации да се развиваат во духот на либералноста, во правецот во кој се тера едно отворено општество, сме тргнале во насоката која се зацртала пред некои си 50 години. Тогаш машко б...

Скопје и ноќниот живот

Не знам дали е до мене (не е!) или до градот наш насушен, ама постов ќе го почнам директно со потенцирање на неговата цел - НОЌНИОТ ЖИВОТ У ГРАДОВ Е СРАЊЕ! Ако тргнете во петок вечер да излезете, без притоа да немате некаде резервација, шансите да најдете место се нула. Скопје е веројатно првиот град во светот каде се резервираат места на шанк. Од кога по ѓаволите шанкот е нешто што се резервира?! Као, ако е празно, застануваш пиеш и си идеш, ако не е само си идеш и тоа е тоа. Вториот агол од кој можете да го разгледате нашиот ноќен живот е изборот на локали каде може да отидете. Не знам, 10 нека се преку сила. Години уназад се истите локали само шо на година дена менуваат име и лик, две недели има поразлична музика и концепт на забави и после тоа - сè по старо. - Беше у тоа новото на плоштад? Многу е добро, се вика 'рендомиме'. - Не беше тоа 'претходнорендомиме'? - Па да ама се смени газдата и внатре малку ентериерот и сеа е многу кул место. * исти фаци, иста ...